Бизнисите и услугите ширум светот полека закрепнуваат по огромниот прекин на технологијата што со часови ги погоди компјутерските системи.
Бизнисите, банките, болниците и авиокомпаниите беа меѓу најтешко погодените откако фирмата за сајбер безбедност „Crowdstrike“ објави погрешно ажурирање на софтверот што влијаеше на „Microsoft Windows“.
Извршниот директор на „Crowvdstrike“ се извини за прекинот и рече дека е издадена поправка, но призна дека би можело да помине „некое време“ пред сите системи повторно да бидат активирани и да работат. Додека некои авиокомпании почнуваат да се враќаат во нормала откако илјадници летови беа откажани, операторите очекуваат одредени одложувања и откажувања да продолжат и во текот на викендот.
Многу бизниси сега се справуваат со заостанати и пропуштени нарачки кои може да потраат неколку дена за да се решат. Проблеми имаа и здравствените служби во Велика Британија, Израел и Германија, а некои операции беа откажани.
Глобалниот хаос предизвика загриженост за ранливоста на меѓусебно поврзаните технологии во светот и степенот до кој еден софтверски дефект може да има толку широко распространето влијание.
Проблемот започна во четвртокот во 19 часот и ги погоди корисниците на „Windows“ кои го користат софтверот за сајбер безбедност „CrowdStrike Falcon“, според Мајкрософт.
Извршниот директор на „Crowdstrike“, Џорџ Курц, изјави на платформата X дека пропустот е пронајден во едно ажурирање на содржината за хостовите на „Windows“.
– Длабоко ни е жал за влијанието што го предизвикавме на клиентите, на патниците, на сите погодени од ова, вклучително и на нашата компанија – рече тој за мрежата NBC.
– Многу корисници го рестартираат системот и тој ќе биде оперативен – рече тој.
Исто така, технолошките експерти велат дека поправката на „Crowdstrike“ ќе треба да се примени посебно на секој погоден уред.
Сега, веројатно ќе се покренат прашања за влијанието на „Crowdstrike“ како еден од најголемите оператори на пазарот за сајбер безбедност и мудроста да се има таков клучен дел од индустријата контролиран од само мал број компании, пишува Би-Би-Си.
Акциите на компанијата паднаа за околу 12 отсто, на сметка на конкурентите „SentinelOne“ и „Palo Alto Networks“.