Најмалку седум лица загинаа во пожар што ноќеска избувна во станбена зграда во Ница, југоисточна Франција. Меѓу жртвите има три деца и еден тинејџер, соопштија од полицијата во Ница.
Противпожарната служба соопшти дека сè уште не е јасно што го предизвикало пожарот кој избувнал на седмиот кат од зграда во квартот Мулнс во работничкиот дел на градот.
– И покрај големите напори, за жал, 7 лица загинаа во пожарот – известија од брзата помош.
Три лица итно се префрлени во болница.
Спасувачите рекоа дека се соочиле со „силен пожар во стан“ на седмиот кат. Десетици луѓе биле евакуирани од зградата.
Обвинителот од Ница, Демиен Мартинели, рече дека инспекторите истражуваат „криминална“ причина за пожарот.
– Според првичните докази, отворив истрага за подметнати пожари што доведоа до смрт – изјави Мартинели од местото на настанот.
Во гаснењето на пожарот се вклучени вкупно 25 противпожарни возила и 72 пожарникари.