„Македонската култура веќе го допре дното и подолу од ова не може. Затоа ние во овие неколку години работевме на планот со кој ќе треба да ја ресетираме целата култура. Ќе обезбедиме нови и дополнителни 750 милиони денари вложувања во културата годишно со одвојување 1 денар од акцизата на дизел-горивата. Овие средства ќе се наменат исклучиво за програмски активности и капитални инвестиции во културата. Со тоа ќе обезбедиме нови 3 милијарди денари за културата во периодот 2025-2028 година“.
Вака вели новиот министер за култура Зоран Љутков во интервју за Факултети.мк.
Тој открива во што ќе се инвестира следниот период:
– Се обврзавме на многу инвестиции, нови и реновирани сцени, зголемена поддршка на македонските фестивали, драмската и ликовната уметност, музичко-сценската дејност, издаваштвото, креативните индустрии, филмот, поддршка, за заштита на културното наследство и, сè на сè, подобри услови за работа за сите чинители во културата – вели Љутков.
За годишниот конкурс на министерството тој вели дека се „потребни се измени и дополнувања на критериумите, условите и мерилата, но и на приоритетите кои се дел од програмата за култура на Владата“ и дека лично не му се допаѓа начинот на валоризација на проектите, „а за тоа сум говорел и пред да бидам министер“.
На новинарско прашање што со партиските поставувања на директори, Љутков вели дека партиската книшка не помага кога некој е лош менаџер.
Тој најави комплетна ревизија на проектот за реконструкција на Унверзалната сала, повеќе пари за театрите, театар и библиотека во Тетово, завршување на тетарот во Струмица, завршување на реновирањето на театарот во Куманово и еден куп други проекти, конзервации и реставрации на манастири и цркви, довршување на претходните проекти…