Пожарите над Битола и кај Радовиш се ставени под контрола.
„Добра вест! Пожарот кај Радовиш е ставен под целосна контрола! Голема благодарност до радовишките пожарникари, градоначалникот на Радовиш и до локалното население кое даде голема подршка во справувањето со овој пожар“, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Општина Битола исто така информира дека пожарот над Битола е целосно ставен под контрола со сеопфатна и континуирана ангажираност на екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ), поддршка од јавните претпријатија и со дополнителна помош од ЦУК.
Претпладнево како воздушна поддршка на противпожарните екипи, пристигна државна помош за Битола, составена од пет „Ер трактори“, од кои 3 од Дирекцијата за заштита и спасување и 2 од Турција, кои се дел од помошта која стигна за справување на Македонија со пожарите.
Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот.
„Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола, за нивната посветеност и пожртвуваност во борбата со огнената стихија. Исто така, локалната самоуправа изразува огромна благодарност до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен. Голема благодарност до медиумите кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб“, наведува Општината.