Ријалити ѕвездата Магдалена Салдо (29) ја признала вината и признала дека била „курир“ и дека криумчарела кокаин во операцијата за шверц на дрога вредна дури 64 милиони евра во Велика Британија.
Девојката е уапсена на аеродромот „Хитроу“ во Велика Британија, каде слетала по враќањето од Дубаи, од каде донела поголема количина кокаин.
Таа се појавила на судот во Карлајл минатиот петок, каде што признала дека имала неколку такви пратки помеѓу март 2022 и мај 2023 година, пишува „Дејли мејл“.
Инаку, Магдалена е поранешна учесничка на полското реално шоу „Островот на љубовта“ каде што се опишала себеси како жена полна со „самодоверба и некој на кој можеш да се потпреш“.
Нејзиниот профил на ЛинкедИн вели дека таа претходно работела во продажба, пред да основа компанија за изнајмување луксузни јахти во Дубаи на почетокот на 2024 година.
Магдалена, која претходно живеела во Беркшир, во моментот е во притвор во очекување на пресудата, која се очекува кон крајот на оваа година.
Инаку, на судот било кажано дека огромни количини кокаин од организирана криминална банда биле увезени во Велика Британија пред да бидат дистрибуирани низ целата земја.
Во март оваа година, девет мажи беа осудени на затворски казни во вкупен износ од повеќе од 106 години за нивната вмешаност во операцијата со дрога.
„Ова е трговија со дрога на сериозно ниво, во смисла на организација и продажба“, рекол обвинителот Тим Еванс при изрекувањето на казните на мажите.