Деновиве во земјава се забележани високи температури како оние во летото 2007 година кога на 24 јули 2007 година е соборен и температурниот рекорд во Македонија за највисока температура од кога се мерат температурите, и тоа во Демир Капија каде се измерени дури 45.7 степени.
Вакви температури ќе имаме во земјава и во наредните десеттина, вели метеопронозерот Славчо Поповски, бидејќи нашата територија ќе се наоѓа под влијание на екстремно топол бран од Африка.
-Температурите ќе бидат екстремно високи насекаде во Македонија, што значи дека тие ќе се искачуваат до околу, па и над 35 степени. Во најтоплите централни и југоисточни предели температурите, особено во текот на следната работна седмица ќе се искачат и до околу 45 степени – предвидува Поповски.
Во Скопската котлина, исто така температурите ќе надминуваат 40 степени, односно се очекуваат максимални температури кои ќе се движат во интервалот помеѓу 40 и 43 степени. УВ индексот ќе има екстремно висока вредност 10.
Според Поповски, покрај топлите денови ќе имаме и екстремно топли тропски ноќи.
-Температурите во поголем дел од Македонија и во текот на ноќните и раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени – наведува Поповски.
Во ваква ситуација, се апелира да се почитуваат препораките од надлежните, односно препораките кои ги издава Институтот за јавно здравје.
Какви температури ќе имаме деновиве покажува и метеокартата која покажува како се движи африканскиот топлотен бран низа Европа