Објавен е 12-от студиски албум на американскиот рапер, Еминем.
Еминем ја заби последната шајка во ковчегот на неговото алтер его „Слим Шејди“, со новиот албум насловен „The Death Of Slim Shady (Coup De Grâce)“.
На плочата ѝ претходеа водечките синглови „Houdini“ и „Tobey“, во коишто учествуваат неговите пријатели, рапери од Детроит, Биг Шон и Бејбитрон. Албумот има вкупно 19 „траки“, а ја вклучува и познатата крилатица „Погоди кој се враќа“ (Guess Who’s Back) од почетоците на кариерата на Еминем, како и „Guilty Conscience 2“, своевидно „продолжение“ на неговиот сингл „Guilty Conscious“ направен со помош на Д-р Дре за албумот „The Slim Shady LP“ од 1999 година.
Еминем „брутално го раскостуваше“ Слим Шејди со недели пред објавувањето на албумот. Во музичкото видео за „Tobey“, тој употреби и моторна пила, иако другите маркетинг-трикови за промоција на неговиот нов проект, можеби, не се толку ужасни…
Во мај, Еминем објави и лажен некролог во „Детроит фри прес“ во којшто тагува за „измачувачкото суштествување“ на измислениот лик.
„Неговото сложено и измачувачко опстојување заврши, а наследството што го остави зад себе не е поблиску до разрешување од начинот на којшто овој лик го напушти овој свет“, се вели во „некрологот“.
„Слим Шејди“, како што вели Еминем, е производ на Детроит и на „непријателските поделби во просперитетната андерграунд-рап сцена“ од средината до крајот на 1990-те.
„На крајот на краиштата, самите нешта што се чинеше дека се алатките што ги користеше, станаа ’картички со име’ што го дефинираа постоењето коешто можеше да заврши само со ненадеен и ужасен крај“, се вели во објавата.
„Шејди“ првпат стана познато име во 1999 година со дебито на неговиот сингл со повесел ритам – „My Name Is“, што заедно со неговото уникатно видео, го изложи младиот рап-уметник и неговите стихови пред пошироката публика.