Утрово почна гаснењето на планинскиот пожар на Огражден, на територијата на Општина Ново Село, во близина на бугарската граница, јавува Центарот за управување со кризи.
Се работи за тешко пристапен терен па е ангажиран полициски хеликоптер да префрли 10 струмички пожарникари во близина на пожарот за да можат да почнат со гаснење од земја додека полицискиот хеликоптер ќе дејствува од воздух.
Активиран е армиски хеликоптер.
Пожарот избувнал завчера попладне на планината Огражден, над селото Бадилен, во граничниот појас со Бугарија.
Според информациите од ТППЕ Струмица, гори борова и дабова шума и е зафатена поголема површина, а на ова подрачје има неколку објекти, меѓу кои и црква.
На бугарската страна од границата, на нивна територија, веќе со градежна машина се прави пристапен пат по којшто би можело да се движи теренско противпожарно возило за да го гасне пожарот.