Европската комисија реши да ја прекине истрагата започната против „Епл“ поради сомневање за незаконско ограничување на конкуренцијата за „мобилните паричници“ на смартфоните Ајфон, откако компанијата прифати да преземе обврски за отстранување на ваквите сомнежи, соопшти денеска извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргарете Вестагер.
Таа нагласи дека ЕК ја започнала истрагата поради загриженоста дека „Епл“ создал затворен систем во своите уреди и нивните оперативни системи со кои го ограничува пристапот до одредени услуги, меѓу кои и до апликациите за мобилно плаќање, односно т.н. мобилни паричници, преку кои се овозможува плаќање со мобилни телефони во продавници и онлајн, но и користење на други услуги како добивање картички за лојалност, набавка на билети за настани и патувања или обезбедување документи за дигитален идентитет.
Согласно преземените обврски, „Епл“ прифаќа да овозможи функционалност на конкурентските „мобилни паричници“ на Ајфоните, да дозволи пристап до важните функции на овие уреди и да им овозможи на корисниците да го инсталираат избраниот „мобилен паричник“ како стандардна опција. „Епл“ има рок да ги спроведе овие обврски најдоцна до 25 јули.
– Обврските би останале во сила десет години. Усогласеноста на „Епл“ ќе биде контролирана и ќе има механизам за брзо решавање на спорови, кој, исто така, ќе овозможи независен преглед на имплементацијата од страна на „Епл“. Со ова завршува нашата истрага – нагласи Вестагер.
Таа информира дека поддршка на овие задолженија на „Епл“ дала и Европската централна банка, посочувајќи дека тие не се во спротивност со евентуални понатамошни обврски што може да се применуваат во рамките на употребата на дигиталното евро.
– „Епл“ има обврски според Законот за дигитални пазари, кој бара од „чуварите на портата“ да обезбедат ефикасна интероперабилност со хардверските и софтверските карактеристики што ги користат во нивните системи. Ова вклучува и пристап до НФЦ технологијата за мобилни плаќања… Отсега, „Епл“ повеќе не може да ја користи својата контрола врз системот на Ајфон уредите за спречување на користењето на другите мобилни паричници. Од овие промени корист ќе имаат и производителите на конкурентските паричници, но и потрошувачите, а плаќањата ќе бидат безбедни- потенцира Вестагер.