Денеска, 11 јули 2024 година, во Скопје се одржа завршниот настан на Балканскиот караван во рамки на проектот, „Зајакнување на капацитетите и ангажманот во политиката на давателите на социјални услуги во заедницата” во организација на Здружението Институт за Развој на Заедницата (ИРЗ) Тетово, во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Центарот за Младински Активизам – КРИК.
„Човековите права како универзален концепт се исти за сите и сите треба подеднакво да ги уживаат. Пристапот до услуги за поддршка на жртви, деца и семејства засегнати од родово-засновано насилство, по мерка на ранливи категории и лица со попреченост е една од клучните алки за прекин на насилството. Балканскиот караван е можност за споделување на нашите добри практики, како и за праќање на пораката за нулта толеранција на родово-засновано насилство! “ – истакна Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.
ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување за време на настанот одржа презентација на проект и активностите насочени кон вклучување и подигнување на свеста за родово базирано насилство.
Настанот во форма на мини фестивал за човекови права под капата на Балканскиот караван е проект кој се одржува низ земјите на Балкан и трае шест дена. Самиот караван вклучува улични акции, работилници, презентации како и културно-забавна содржина. Караванот започна на 8 јули во Мостар, продолжува на 9 јули во Никшиќ, 10 јули во Елбасан, а денеска после настанот во Скопје, завршните денови се 12 јули во Приштина и потоа 13 јули во Нови Пазар.