Најпроблематична во претходната Концепција за основно образование е интеграцијата на предметите, а за ова да се ревидира и смени ќе треба најмалку една година, најави новата министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во интервју за 360 степени таа најави и дека од септември учениците ќе учат од старите учебници додека се спремаат нови.
– Да, тој рок (за смена) би траел најмалку една година, евентуално нешто подолго, но би одел постепено, одделение за одделение, како што и сега се случува.
Според Јаневска интеграцијата на предметите не била прифатена од стручњаците, ниту од самите наставници.
Јаневска претходно најави дека предметите како историја, георафија, граѓанско образование и други ќе бидат одделни.
Во интервјуто таа најави дека интеграцијата може да се случи и кога предметите се одделни, бидејќи тема од еден предмет може да се обработува во друг. Таа вели дека „нè чека голема и сериозна работа“, а дека Бирото за развој на образованието(БРО) е согласно да се променат наставните планови, кои, како што вели, ги збунувале наставниците.