Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата „Вреди“, денеска му посака конструктивност како опозиционер и консолидација на партијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи негова изјава за партијата „Вреди“.
– Господин Ахмети вчера кажал дека ние од „Вреди“ имаме голем апетит за да бидеме во власта. Јас би му кажал на господин Ахмети дека е возрасен човек, за мене и сериозен човек којшто 22-23 години е на власт, сега му треба малку одмор. Му посакувам здравје пред сѐ, а после тоа и конструктивност како опозиционер. Се надевам дека овој период ќе се обиде да ја консолидира партијата, да расчисти одредени кадри коишто му се веќе кородирани. 22 години да бидеш на власт, со луѓе коишто се вртат од една институција во друга е сосема, доволно. Првиот тест ќе го имаме во 2025 година, тука се локалните избори, така што, нема што друго да кажам освен да му посакам убаво и мирно опозиционерство – одговори министерот на новинарско прашање.
Таравари денеска имаше средба со медиумски работници, на која информираше за плановите околу подобрување на здравствените услуги за граѓаните во државава, по што одговараше на новинарски прашања.