Поради отсуство на сведоци, денешното рочиште за случајот против доктор Жан Митрев во Основниот кривичен суд во Скопје е одложено за 4 септември годинава.
Полицијата на двајца сведоци предложени од Обвинителството не можела да им достави покана на адресата на која живеат во Тетово и во Гостивар, додека третиот сведок со поднесок до Судот побарал да се ослободи од сослушување од здравствени причини.
Јавниот обвинител, за економичност на постапката, даде предлог овие сведоци да бидат повлечени, но таквиот предлог не беше прифатен од одбраната, според која не биле исцрпени сите законски можности за нивно обезбедување и дека доколку не може да се обезбеди нивно присуство во судницата поради заминување во странство, тие може да бидат сослушани преку видео врска.
Во однос на барањето на третиот сведок за негово ослободување од сослушување, Судот посочи дека во доставеното известување биле содржани копии од здравствени белешки и побара тие да бидат доставени во оригинал.
Предметот се однесува на измама, односно, како што соопшти своевремено ЈО, прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, со цел противправно прибавување на имотна корист.
Предметот е оформен по допрен глас, откако се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.
Судскиот процес пред Основниот кривичен суд во Скопје започна во февруари лани, но поради истекот од 90 дена од последното одржано рочиште тој лани во ноември беше вратен од почеток. Процесот се наоѓа во фаза на доказна постапка, каде се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци предложени од Јавното обвинителство.