Ме прашувате што се случува, ви велам не може да продолжиме вака. Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“ за ставот на мандатарот за формирање Влада Христијан Мицкоски околу употребата на името Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека Договорот од Преспа обезбеди едно име за севкупна употреба, а не двојна формула и уште еднаш го повтори ставот дека оспорувањето може да создаде проблеми во односите со Грција, со НАТО и ЕУ, но и дека прашањето ќе го покрене на НАТО Самтитот во првата половина на јули.
– Секако ќе го покренам и мислам дека ќе имам многу сојузници во овој обид. Скопје да сфати дека не може да си игра со Атина за такво прашање, бидејќи ако земјата се стремеше кон двојно име, прашањето ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот, кој има свои проблеми, меѓутоа обезбеди едно име за сите и ако ова се оспори, тогаш да знае Северна Македонија дека ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со Европската Унија кон која има амбиција во некој момент да стане членка – рече Мицотакис.