Oвој споменик нѐ обединува. Ослободителната национална армија (ОНА) е дел од нераскинливата историја на оваа земја, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети на свеченото отворање на спомен-кулата во село Слупчане изградена во чест на загинатите од конфликтот во 2001година.
– Не може да има историја оваа земја без ОНА, не може да има иднина оваа земја без најголемото достигнување, Охридскиот мировен договор како резултат на оваа армија, иднината на оваа земја е Договорот од Преспа, договор кој не направи членка на НАТО – рече Ахмети.
Спомен-кулата на ОНА во Слупчане чини 200 милиони евра општински пари. Висока е 20 метри.
Изградбата на спомен-кулата предизвика повеќе дилеми поврзани со нејзината законитост. Градоначалникот на општината тврди дека има дозвола за градба, но Министерството за транспорт и врски негираше дека била побарана дозвола од нив. Министерството за култура се огради наведувајќи дека надлежноста според Законот за меморијални споменици и спомен обележја,е на Собранието или на единиците за локална самоуправа.
Втори мај е датумот на кој во 2001 година ОНА го прогласи Липково за слободна територија.