Киднаперите кои држеа двајца полициски службеници како заложници во истражниот затвор во Ростов на Дон се ликвидирани, а заложниците се ослободени, соопшти руската Федерална казнено- поправна служба.
„За време на специјалната операција за ослободување на заложниците во истражниот затвор број 1 на Федералната казнено-поправна служба на Русија во Ростовската област, криминалците беа елиминирани, а вработените кои беа држени како заложници беа ослободени и не беа повредени“ – се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Агенцијата наведува дека пред тоа две амбулантни возила пристигнале во истражниот затвор во Ростов на Дон, каде што претходно биле земени заложници и се слушало пукање.
Група затвореници од истражниот затвор во Ростовската област, кои ги зедоа затворските службеници како заложници, претходно побараа да им се обезбеди автомобил и да им се дозволи слободно да си заминат, изјавија за Интерфакс од службите за итна помош.
Тие тврдеа дека се членови на терористичката организација Исламска држава, која е забранета во Руската Федерација, наведува руската агенција.