Целосно функционални зелени коридори на сите гранични премини кои го поврзуваат регионот со ЕУ, намалување на времето на чекање на граница за 3 часа би било слично со намалување на царинските стапки за 2% во сите економии. Ова би била една од придобивките за компаниите од Планот за раст за Западен Балкан на ЕУ, според анализата на Стопанската комора.
Втора придобивка би била единствениот платежен систем кој би го олеснил финансиското работење на компаниите.
– Во 2023 година времето на чекање на граница преку зелените коридори се намали и придонесе да биде заштедено време од 20 години врз основа на веќе поставените интрарегионални зелени региони. Истовремено зелените коридори ќе придонесат за континуирано функционирање на синџирите за снабдување, ќе се поттикне и зголемувањето на трговијата и ќе го направат регионот попривлечен за инвеститорите – рече тој.
За подобрување на трговската размена на земјите од регионот, според Комората е потребно да се укинат административните и на нетарифните бариери (царински и безбедносни сертификати и друго), а потребна е и поголема регионална соработка. Податоците на комората се дека внатрешниот извоз во рамки на шесте земји од регионот сега изнесува само 14%.
– На тоа треба доста да се работи. Ние постојано ги идентификуваме и апострофираме дека се пречка за унапредување на регионалната трговска размена – рече Влатко Стојановски, портпарол на Комората на прес-конференција за Планот за раст и проектите на Коморскиот инвестициски форум.
Стојановски информира дека мерките од новиот План за раст предвидуваат целосна размена на податоци што ќе овозможи значително скратување на времето за чекање на граничните премини, но и вклучување на регионот во платежниот систем на ЕУ.
– Придобивките за нашите компании од ова ќе бидат огромни. Една од нив е вклучувањето во единствениот платен промет на ЕУ. Нашата предапликација за членство е доставена во април, а придобивките за македонските компании се очекува да бидат следната година – рече тој.
Тој го подвлече фактот дека според извештаите на ЕК економиите во Западен Балкан не се на ниво на функционална пазарна економија, која може да се справи со конкурентските притисоци што доаѓаат претежно од ЕУ.
– И покрај позитивните поместувања во изминатиот период сепак просекот на БДП по глава на жител во регионот останува речиси една четвртина од просекот на 27-те членки во ЕУ. И покрај близината и другите поволни фактори за поттикнување на трговијата сепак интрарегионалниот извоз во регионот изнесува само 14%. ЕУ останува доминантен извозен пазар за регионот со тоа што за повеќето земји од регионот извозот во ЕУ е петпати повеќе од извозот во земјите од ЦЕФТА – рече Стојановски.
Сања Николова рече дека со новиот проект на Коморскиот инвестициски форум кој е поддржан од ЕУ се нуди поддршка на компаниите од регионот во повеќе аспекти. Меѓу нив и зголемување на конкурентноста со создавање унифициран регионален пазар преку намалување на економските разлики и поттикнување поблиски трговски врски помеѓу бизнис заедниците во регионот и со ЕУ.
– Поентата е овој регион заеднички да има полесен пристап до европскиот и секако до други пазари. Колку повеќе се доближат компаниите од регионот и се гради интрарегионалната соработка толку ќе им биде полесно на сите компании од регионот да настапат на европскиот пазар – рече таа.
Во рамки на КИФ на 10 јуни е објавен нов повик до малите и до средните претпријатија (МСП) од шесте економии на Западен Балкан да учествуваат во програмата за Техничка помош за влез во европските и светските пазари. Седумдесет избрани претпријатија од регионот ќе можат да добијат помош околу пласирање на нивните производи на пазарите на ЕУ, со фокус на германскиот и на италијанскиот пазар, потполно бесплатно. Повикот е отворен до 12 јули.