Мандатарот Христијан Мицкоски на 18 јуни, вторник, ќе го достави комплетниот список на министри до македонското Собрание. Тој најави дека во недела ќе се одржат Извршен и Централен комитет на партијата и дека на тие седници ќе ги претстави кадровските решенија за идната влада.
– Јас не би зборувал во името на другите партии, во името на коалиционите партнери. Што се однесува до коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, ние сме структура која има вертикална организациска поставеност, функционира врз основа на статут и во согласност со законите и со Уставот. Во недела ќе има седница на Извршниот и на Централнот комитет, ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар, со нивната биографија. Очекувам комитетите да се произнесат, и ако тоа се поризнесат позитивно, предлозите да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната Влада и програмата, на 18 јуни, во вторник, ќе бидат доставени до Собранието – рече Мицкоски пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС.
Седницата на Извршниот комитет е закажана за 18 часот, а на Централниот во 19 часот.
Во врска со обезбедената двотретинска поддршка во Собранието за Законот за реорганизација и работа на органите на државната управа Мицкоски објасни:
– Гласаа пратеници од ДУИ точно, но од коалицијата „Европски фронт“ гласаа пратеници кои се дел од Турската демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници кои не се од ДУИ. Очекувавме да гласаат и пратениците кои се дел од коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица.
Мицкоски истакна дека отворена била вратата за сите пратеници за да дадат поддршка за реорганизација на министерствата.
– Бидејќи тоа што СДСМ не го кажува, а што треба македонската јавност да го знае е дека јас лично остварував со нив контакти цело време и вратата да го поддржат овој закон за сите пратеници беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери препознаа квалитет во овој закон и гласаа тие треба да дадат одговор, додека дел од идните опозиционери кои не препознаа квалитет или имаа некои други политички математики и калкулации не гласаа – посочи Мицкоски.
Тој додаде дека идната влада ќе биде составена од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и политичката партија ЗНАМ, предводена од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
– Во Македонскиот парламент во опозиција ќе биде коалицијата „Европски фронт“, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица. Со тоа ќе биде реализирано и второто ветување кое го дадовме на изборите. Првото ветување беше реорганизација на составот на влада, второто ветување е ДУИ во опозиција, третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори која ќе ја види македонската јавност на 25 јуни – додаде Мицкоски.
Во идната влада, посочи тој, повеќе нема да има економски директори во здравствените установи, ќе има еден клинички центар, ќе се укине позицијата заменик директор онаму каде што постои, за 20 отсто ќе се намалат членовите на управните одбори, ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90.
– Во првите 100 дена од Владата ќе се реализираат многу од овие ветувања – потенцира Мицкоски.