„Со нас се радува целата црква, се радува и небото и зeмјата, се радуваат сите кога браќата се сакаат и кога го слават името Божје. Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега ви носиме уште една радост – Светиот архиерејски собор на Српската православна црква благословува и одобрува автокефалност на МПЦ-ОА“.
Со овие зборови српскиот патријарх Порфириј на 24 мај 2022 година во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје ја соопшти радосната вест која недвосмислено значеше само едно: решавање на црковниот спор.
Неколку дена по тој празничен ден на архиепископот г.г. Стефан му беше доделен Томосот за автокефалност – без никакви условувачки клаузули кои би ја ограничиле автокефалноста на МПЦ-ОА и устројство во поглед на црковното име, опсегот на јурисдикцијата и пастирската грижа за верниот македонски народ во татковината и во дијаспората.
Но, колку навистина е решено прашањето на МПЦ-ОА и дали сега таа е автокефална црква со Томосот од СПЦ? Треба ли да се очекува Томос за автокефалност да ни додели и Цариградската патријаршија, која се смета за „прва меѓу еднаквите“?!
И покрај јавното признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од неколку православни цркви во светот, сепак, некои домашни црковни медиуми кои важат за блиски до политиките на Цариград, периодов значително ги засилија моторите и се посветија на агендата да ѝ претстават на македонската јавност дека Томосот за автокефалност од СПЦ нема апсолутно никаква важност и дека единственото решение за нас е добивање Томос за автокефалност од Цариградската патријаршија.
Токму поради ваквите намерни и ненамерни недоразбирања – за конечно да им се разјаснат работите на граѓаните кои се интересираат за црковната политика, одлучивме да направиме мала анализа и во официјални и неофицијални разговори со црковни достоинственици, да одговориме на голем дел од прашањата кои им го заматуваат умот на верниците.
Совршена автокефалија
На прашањето „дали е решено прашањето на Македонската православна црква и дали е таа автокефална со Томосот од СПЦ?“, митрополитот крушевско-демирхисарски г. Јован одговори дека автокефалијата е совршена тогаш кога сите цркви ќе ја прифатат.
Не постои согласност меѓу православните цркви дека Цариградската патријаршија има ексклузивно право на издавање Томос, тоа прашање не е решено.
– Кој дава Томос за автокефалност? Не е решено тоа прашање на сеправославно ниво. Во 2009 година се одржа подготвителен собор за Соборот на Крит во 2016 година. На тој Собор беше поставено и прашањето за автокефалијата. Главно, со текстот сите се согласивме, освен со едно прашање, на кое имаа замерка Руската и Романската црква – дали автокефалноста ја прогласува цариградскиот патријарх, а другите „сопрогласуваат“, или, пак, сите прогласуваат?! – смета г. Јован.
Тешко да се добие Томос од Цариград, бидејќи два томоса никогаш не се издавале, посочува тој.
– Треба да се дојде до фаза Цариградската патријаршија да го прифати издадениот Томос за автокефалност од СПЦ. Но, исто така, постои една многу важна работа: Не постои согласност меѓу православните цркви дека Цариградската патријаршија има ексклузивно право на издавање Томос, тоа прашање не е решено – изјави г. Јован.
Високите црковни извори со коишто неофицијално разговаравме објаснуваат дека за нас постои една огромна разлика помеѓу прифаќањето Томос за автокефалност од СПЦ и прифаќање Томос за автокефалност од Цариград.
Имено, како што потсетуваат, СПЦ ни го додели Томосот без да побара ништо за возврат, додека, пак, Цариград веќе има поставено неколку услови кои се крајно неприфатливи за МПЦ-ОА.
- Откажување од името Македонска Православна Црква;
- Отстапување од македонската дијаспора;
- Признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), чија автокефалија е доделена токму од Цариград.
– Ако ги прифатиме условите на Цариград, тогаш ќе останеме без име, идентитет, без дијаспора и без заедничко сослужување со три четвртини од православните цркви во светот. Колку денес навистина вреди добивањето Томос од Цариград најдобро се гледа преку примерот на ПЦУ, која ја оформи Цариград. Таа црква требаше да ги обедини сите три разединети православни цркви во Украина. Наместо тоа, сега во Украина има 4 разединети православни цркви, старите три и четвртата – новата ПЦУ. Исто така, Цариград не може таа своја одлука за формирање на ПЦУ да ја спроведе во својата јурисдикција – Света Гора е под Цариградската патријаршија, а таму од сите 20 манастири само 4 ја прифаќаат ПЦУ. Па така, дали Томосот од Цариград во Украина го реши или дополнително го продлабочи црковниот спор? Оти, во нашиот случај, Томосот од СПЦ во Македонија го реши проблемот. И тоа не може никој да го оспори – изјави нашиот соговорник.
Само името им е важно на Грците
Сакаат да ни наметнат за секое богослужение на наш свештеник во Европа да мора да се добие благослов од цариградскиот митрополит во таа земја. Значи, нас не нѐ признаваат.
Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој е претседател на Одделот за надворешни црковни односи на МПЦ-ОА, вели дека прашањето за нашето признавање е повеќе од политичка одошто од верска причина, затоа што гледаме дека Грција приговара за името на нашата црква, а не приговара за нашето учење, дали сме погазиле некои канони.
– Нив ги интересира само да не ги употребуваме зборовите Македонија, македонска, македонски јазик и сѐ што е поврзано со Македонија. Велат дека тоа право го имале само тие, а ние сме го немале. Нас нѐ обвинуваат за етнофилетизам, а постојат дури 4 цркви кои се именуваат со национален префикс. Тоа што успеаја да го постигнат со Преспанскиот договор, кој предвидува слободна употреба на изведени придавки од името Македонија, сега сакаат да го наметнат преку црквата, односно преку доделување Томос со забрана на името. Од нас бараат да се нарекуваме Охридска црква, а не Охридска архиепископија – објаснува владиката Петар.
Епископи без власт
Објаснувајќи го условот од Цариградската патријаршија јурисдикцијата на нашата црква да се протега само на територијата на државата, владиката Петар јасно изјави дека „третото барање е дека нашата дијаспора им припаѓа ним“.
– Ни велат дека немаат против ние да си бираме владици, но само како викарни епископи кои немаат никаква власт, додека епископите што имаат власт се оние на Цариград. Сакаат да ни наметнат за секое богослужение на наш свештеник во Европа да мора да се добие благослов од цариградскиот митрополит во таа земја. Значи, нас не нѐ признаваат. Дијаспора немаат грчките цркви: кипарската, грчката, александриската, ерусалимската. Сите тие се имаат откажано од својата дијаспора во полза на Цариградската црква, која е цариградска само по име, а во суштина е грчка – вели г. Петар.
Томос сакаме, услови не сакаме
На прашањето дали воопшто треба да добиеме Томос од Цариградската патријаршија, владиката Петар одговори:
И со Томос од Цариград и без Томос од Цариград ние веќе сме во екумената на православните цркви, бидејќи можеме да сослужуваме со останатите православни цркви, без оглед на тоа дали нѐ признаваат како автокефални или не.
– Ние не сме против Цариградската патријаршија да ни даде Томос, но да не ни поставува никакви услови. Кога Романската црква нè призна како автокефална црква, Синодот на Романската црква тоа го направи врз основа на Томосот добиен од Српската православна црква и согласно на резолуцијата за давање автокефалија од Шамбези дека прв кој дава Томос за автокефалија е мајката-црква. Од Цариградската патријаршија ни рекоа „побарајте отпуст од СПЦ, па после ние ќе ви дадеме автокефалност“. Ако таа била мајка-црква, зошто нè упатуваше кон СПЦ? – рече владиката Петар.
Сличен став дели и митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, кој вели дека и со Томос од Цариград и без Томос од Цариград ние веќе сме во екумената на православните цркви, бидејќи можеме да сослужуваме со останатите православни цркви, без оглед на тоа дали нѐ признаваат како автокефални или не.
– Најважно е сослужувањето и заедничкото учество со останатите православни цркви во светиот путир, во светото тело и крв Христови – порача г. Тимотеј.
Лажен томос?
Неодамна, гостин на владиката Тимотеј беше митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој е еден од најблиските соработници на вселенскиот патријарх, а тој тогаш јасно и гласно порача дека Томосот што го доби МПЦ-ОА од СПЦ е лажен.
– Што се однесува до ставовите на митрополитот г. Кирил, можеме да кажеме дека тоа се ставови на Цариградската патријаршија што не се нови. А за неговата формулација дека Томосот е лажен, можеме да кажеме дека подобро е тоа да им го објасни на оние цркви кои го признаа тој Томос, како што се Српската православна црква, која и го издаде, Руската православна црква, Романската православна црква, Бугарската православна црква, Црквата од Чешка и Словачка. Ако овие цркви прифаќаат лажни томоси, тогаш можеме да разговараме и размислуваме за такви квалификации. Но, колку што нам ни е познато, според одлуката на последната конференција во Шамбези за тоа како да се доделува автокефалност, јасно и гласно се вели дека онаа црква од која се одделува еден дел треба да даде согласност и да издаде томос. Потоа треба да ги информира останатите православни цркви истиот да го прифатат, а најпосле цариградскиот патријарх заедно со оној кој го издал томосот да излезат со заеднички потпис, повторно во согласност со останатите православни цркви. Овој принцип Цариград очигледно не го почитува, повикувајќи се на тоа дека прашањето за автокефалност не било на дневен ред на соборот во Крит. Меѓутоа, прашањето за автокефалноста не е расправано со векови, што не значи дека некој треба да чека нови вселенски собори. Ова е уште појасно ако се знае дека во XIX век најголем дел од црквите се прогласени за автокефални без никакви собори туку во согласност со црквата од каде што се одделиле, а Цариград, пак, им издал томос. Нашата света црква не ги прекратува разговорите со Цариградската патријаршија за изнаоѓање на решение за издавање на томос и од Цариград, а со што целосно ќе се заокружи решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА – објасни митрополитот г. Тимотеј.
И архиепископот г.г. Стефан неодамна изјави дека условите на Цариград се неприфатливи.