Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, ги повика сите 12 раководители на Хирургија да не се кријат од јавноста, туку одговорно да излезат и јавно да кажат колку операции и зафати се откажани, одбиени, препратени од Хирургија во овие 15 дена, и колкава опасност и штета предизвикува системот на компримиран воздух, додека економскиот директор шета на Азурен брег со други од администрацијата, а министерот се крие.
Тој им постави поединечни прашања на сите 12 директори:
„- Директорот д-р Александар Трајановски да каже колку пациенти се вратени, одложени, препратени од ТОАРИЛУЦ?
– Д-р Софија Пејкова, директорка на пластична хирургија, да соопшти бројка на пациенти кои се вратени или препратени да создаваат хаос во други болници.
– Д-р Зоран Караџов да излезе јавно да соопшти за бројот на пациенти од абдомен кои останаа без помош на Хирургија.
– Директорот д-р Сашо Дохчев за тоа колку пациенти се вратени или чекаат на Урологија.
– Д-р Александар Жупановски да излезе за состојбата со вратени пациенти за операции од Неврохирургија.
– Директорот д-р Неџат Јакупи на Торакална, да каже колкумина пациенти биле на листата за операции за минатите 15 дена.
– Директорката на Детската хирургија, д-р Славица Литајковска за деца-пациенти, дали се оперирани со посебен потпис за одговорност на родителите?
– Јавно да излезе д-р Далип Јахија за состојбата со пациенти на Ортопедија кои чекаат операција.
– Д-р Никола Брзанов да каже колку пациенти се препраќани или можеби враќани од Ургентен.
– Илир Хасани, директорот, наместо да се расправа со спикерката на албанскиот парламент, да излезе за состојбите на Траума поврзана со неработењето на салите за операција особено што беше и заменик министер на Филипче.
– Директорката Маја Мојсова да каже за состојбата на КАРИЛ, дали ќе издржат надворешните системи ама и кога ќе има услови за да почне реновирањето потпишано пред скоро 4 месеци?“
Стоилковски побара став и за заеднички служби и за министерот и зошто не се избориле, односно дозволиле распад на Клиниката.
– Докторската и раководната титула не е само борба за плата, туку и борба за подобри услови за пациентите. Белиот мантил не носи само привилегии и титула, туку и одговорност пред пациенти, особено ако се прифати и директорска раководна позиција. Молкот е повеќе од срамен и е на ниво на соучество – рече Стоилковски и додаде дека до сега можело барем да се обзнани колку би чинела санацијата, но дека веројатно уште нема таков план.