Бакингемската палата потврди дека принцезата Кејт Мидлтон нема да се појави на парадата во средината на јуни, и покрај тоа што многумина ја очекуваа.
На парадата, позната како Trooping the Colour, ќе учествуваат кралот Чарлс и кралицата Камила. Но, овој пат, наместо на коњ, кралот ќе биде во кочија, а се верува дека тоа е препорака на лекарот поради неговата дијагноза на рак.
Да потсетиме, Кејт во јануари заврши во болница каде имаше операција на абдоменот. Два месеци подоцна таа на социјалните мрежи објави дека боледува од рак. Принцезата не ги откри деталите за својата болест, а јавноста ја замоли за приватност во текот на своето закрепнување.
Меѓутоа, во последно време Кејт се дружи и излегува од дома.
„Дејли мејл“ истакнува дека принцезата од Велс почесто ја гледале со семејството во последните неколку недели, а вработените во палатата велат дека биле преплавени со десетици илјади писма во кои и посакувале добро на принцезата откако и била дијагностицирана лошата болест. На адресата на палатата вообичаено пристигнуваат околу 1.000 писма неделно, а откако се дознало за нејзината дијагноза, нивниот број се зголемил за 10 пати.
Иако појавувањето на Кејт Мидлтон во јавноста многумина го сфатија како позитивен знак, Кенсингтонската палата нагласи дека и треба уште време и простор за да се опорави. Портпаролот на Кенсингтонската палата исто така нагласи дека нејзиното појавување не треба да се сфати како враќање на работа по големата операција.
Како што се дознава, Кејт сè уште не се приклучила на своите службени обврски и јавни настапи, но таа е добро упатена во сè и ги следи сите извештаи од дома.
„Голем број вработени треба да го знаат точниот распоред на настани неколку месеци однапред. Ми рекоа дека календарот на Кејт е целосно празен до крајот на годината. Воопшто ништо не е планирано. Според сите индикации, не очекувајте да се појави во јавноста оваа година“, изјавил извор за „Дејли бист“.