Безбедносните служби ширум Европа се во состојба на готовност за потенцијално ново оружје на руската војна – подметнување пожар и саботажа. Имено, низа пожари и напади на инфраструктура се забележани во балтичките држави, Германија и Велика Британија.
Откако избувна пожар во Икеа во Вилнус, Литванија, во мај, полскиот премиер Доналд Туск сугерираше дека тоа можеби е дело на странски саботер.
Инспекторите веќе ја наведоа потенцијалната вмешаност на Русија во подметнат пожар во источен Лондон, пожар што го уништи најголемиот трговски центар во Полска, обид за саботажа во Баварија, Германија и антисемитски графити во Париз, пишува Гардијан.
Нема конкретни докази, но…
Иако нема конкретни докази дека овие напади ширум континентот се координирани, безбедносните служби веруваат дека тие би можеле да бидат дел од систематскиот обид на Москва да го дестабилизира Западот, кој ја поддржува Украина.
Загриженоста дека овие хибридни напади би можеле да бидат дело на Русија е таква што тие беа дискутирани на самитот на министрите за надворешни работи и за одбрана во Брисел оваа недела со холандски, естонски и литвански безбедносни претставници, сите предупредувајќи на националните ранливости.
Еден министер, кој сакаше да остане неименуван, рече дека се длабоко загрижени за „саботажа, физичка саботажа, организирана, финансирана и извршена од руски полномошници“.
Туск минатата недела откри дека полските власти уапсиле девет лица во врска со саботажа, наводно извршена по наредба на руските служби.
Реагираше и руската амбасада
Тој рече дека злосторствата, наводно, вклучуваат „тепање, палење и обид за подметнување пожар“ и истражителите испитуваат дали Русија била вмешана во пожарот во трговскиот центар во Варшава, тврдење што руската амбасада го опиша како теорија на заговор.
Во април, Британец беше обвинет дека организирал подметнати пожари во две единици поврзани со украински бизнисмен во индустриски имот во Лејтон, источен Лондон, и наводно бил регрутиран од руското разузнавање. Обвинителството објави дека мажот бил „вклучен во однесување кое таргетирало компании поврзани со Украина со цел да има корист на руската држава“.
„Русија е се поагресивна“
Во вторникот, естонскиот министер за одбрана Хано Певкур, во Брисел на одбранбениот самит на ЕУ, рече дека земјата веќе била жртва на руска саботажа.
„Тие спроведоа слични операции во Естонија. Ангажирале 10 лица да го нападнат автомобилот на министерот за внатрешни работи и новинарите. Ова е нормално однесување на Русија. Жал ни е што го кажуваме ова, но мора да разбереме дека Русија е сè поагресивна кон европските земји, а исто така и кон земјите од НАТО“, рече тој.
Во 2023 година, Германија беше погодена од бран сајбер напади, за кои одговорноста ја презеде хакерска група поврзана со руските разузнавачки служби.
Минатиот месец двајца германско-руски државјани беа уапсени под сомнение дека планирале напади, вклучително и напади врз воена база во Баварија. Главниот осомничен е обвинет за планирање на експлозијата, подметнување пожар и одржување контакт со руското разузнавање.
Повикува на претпазливост
Инспекторите во Франција истражуваат дали графитите испишани на споменикот на Холокаустот во Париз минатата недела биле нарачани од руските безбедносни служби.
Нападите, стравуваат европските претставници, придонесуваат за веќе растечката кампања за дезинформација. Во средата, неколку училишта низ Атина беа евакуирани по лажни закани за бомби. Полицијата му влегла во трага на рускиот сервер и соопштила дека целта била „да се наруши јавниот ред“.
Земјите од ЕУ ги следат сите овие настани. Литванскиот Национален центар за управување со кризи (НКВЦ) ги предупреди бизнисите, вклучително и трговските центри и организациите кои ја поддржуваат Украина, да ја зголемат будноста.
Во понеделникот, холандскиот национален координатор за безбедност и антитероризам предупреди на ризикот од субверзивни операции во Холандија, вклучително и „шпионажа и подготовка за саботажа на виталната инфраструктура“.
Руско заплашување
Во вторникот во Брисел, холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен рече дека Русија „се обидува да ги заплаши“ земјите од НАТО, правејќи ги земјите-членки на ЕУ ранливи.
„Да, ние сме ранливи. Мислам дека сите сме ранливи, имаме инфраструктура на морското дно, имаме снабдување со електрична енергија, снабдување со вода, ранливи сме на сајбер напади. Сега во неколку европски земји гледаме дека на Русија се обидува да дестабилизира и заплаши“, истакна таа.
„Мислам дека тоа беше начинот на кој Русија и Советскиот Сојуз работеа низ поновата историја и мислам дека често сме го гледале во 75-те години на НАТО“, додаде таа.
И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го впери прстот кон Москва. „Забележавме зголемена руска разузнавачка активност низ целата Алијанса. Така ја зголемивме нашата будност“.