Ракот е сериозна состојба која се јавува кога абнормалните клетки растат и се делат неконтролирано, а потоа може да се прошири на други ткива и органи. Постојат повеќе од 200 видови на рак кои можат да влијаат на телото. Честопати симптомите може да се поврзат со тоа каде расте ракот во телото. Сепак, постојат некои поопшти знаци на кои треба да внимавате кои се однесуваат на различни форми на рак.
Според Cancer Research UK, постојат шест такви знаци на кои треба да внимавате. Иако овие симптоми би можеле да се поврзат со нешто помалку сериозно, сепак вреди да се проверат, велат експертите од хуманитарната организација.
„Повеќето од наведените знаци и симптоми се предизвикани од нешто помалку сериозно од ракот, но ако се работи за рак, раното откривање може да направи вистинска разлика. Ако забележите какви било промени кои не се нормални за вас или нешто што нема да исчезне, не го игнорирајте. Посетете го вашиот лекар, без разлика дали е на оваа листа или не“, рекле тие, а пренесува Дејли експрес.
Важно е да знаеме што е нормално за нас и да разговараме со нашиот лекар доколку забележиме некакви невообичаени промени. Ова може да помогне да се дијагностицира ракот во рана фаза, кога е поверојатно лекувањето да биде успешно, велат експертите.
Шест знаци на кои треба да внимавате вклучуваат:
Многу лошо ноќно потење или треска.
Замор.
Необјаснето крварење или модринки (во столицата, за време на мокрење, повраќање или кашлање крв, необјаснето вагинално крварење помеѓу менструацијата, по однос или после менопауза).
Необјаснета болка во кој било дел од телото.
Необјаснето губење на тежината.
Невообичаена грутка или оток каде било на телото.