На 1 јуни Борусија Дортмунд и Реал Мадрид ќе се сретнат во финалето на Лигата на шампионите на Вембли.
Реал Мадрид ќе се обиде да го подигне 15. трофеј во Лигата на шампионите, а на патот им стои само Борусија Дортмунд. Доколку успеат во тоа, тоа значи дека Лука Модриќ заедно со Начо Фернандез, Тони Крос и Дани Карвахал по петти пат ќе го кренат тој трофеј.
Оваа информација воопшто не му се допаѓа на поранешниот нигериски играч за врска Џон Оби Микел.
„Кога гледате играчи како Модриќ, Карвахал, Крос и Начо како го освојуваат својот петти трофеј во Лигата на шампионите, не е фер бидејќи тие не се ни блиску до најдобрите играчи на нивните позиции. Ова кажува дека трофеите можат да мамат, можам да наведам 10 играчи на истите позиции кои се подобри од нив“, изјави Микел.
Не беше тешко да се погоди за кого ќе навива.
„Да бидам искрен, навистина се надевам дека Борусија ќе победи. Тие го заслужуваат тоа повеќе од Реал“, заклучи поранешниот играч за врска на Челзи.