Европската унија споделува дел од загриженоста на САД кон Кина кога станува збор за економските односи, но има поинаков, поприлагоден пристап, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа го изјави ова за време на дебата во Брисел, пред европските избори во јуни годинава, коментирајќи ги новите високи царини за кинеските стоки.
– Во врска со ова, започнавме истрага според правилата на Светската трговска организација – рече таа.
Фон дер Лајен се осврна и на истрагата на Европската унија, која беше покрената во октомври, поради обвинувањата дека Пекинг ја поддржува кинеската индустрија за електрични возила со огромни државни субвенции. Таа гарантираше дека нивото на давачки што Европската унија ќе и ги наметне на Кина ќе одговара на нивото на предизвикана штета.
Европската комисија треба да одлучи до 4 јули дали ќе воведе привремени тарифи или квоти за кинеските електрични возила, објави Фајненшл тајмс.
Белата куќа соопшти дека зголемувањето на тарифите, првенствено четирикратниот скок на царините за електричните возила од 25 на 100%, ќе погоди стоки во вредност од 18 милијарди долари во стратешките сектори, објаснувајќи дека ќе им даде време на американските компании да ја стигнат кинеската конкуренција.
Како одговор на сето ова, Кина вети дека ќе преземе решителни мерки за одбрана на своите права и интереси.