Според објавите и фотографиите кои се шират на социјалните мрежи, во селото Липково паѓал град со големина на орев и целиот простор е побелен. Интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град попладнево го зафати кумановскиот регион.
Од невремето во Регионалниот центар за управување со кризи – Куманово била пријавена штета на кров од викендица во селото Младо Нагоричане, каде што имало и уништени родни дрвца, а во Липковско биле пријавени штети на земјоделски површини.
Во Куманово, пак, како што пренесува дописничката на МИА, поради големата количина дожд и недостигот на атмосферска канализација, водата се слевала по улиците.
„На улицата ‘11 Октомври’ била пријавена поплава на дворно место во чија близина има трафостаница, за што е информирана ЕВН“, соопштија од РЦУК – Куманово.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираа дека во подрачјето околу Качаничката Клисура и Скопска Црна Гора има значителна нестабилна облачна маса која се движи во правец кон Куманово.
Оттаму соопштуваат дека во ова подрачје има интензивен пороен дожд, чести грмежи, силен ветер и појава на град.