Глобалниот јавен долг денес е највисок од Наполеоновите војни, односно од првата и втората деценија на 19 век, изјави претседателот на Светскиот економски форум, Борге Бренде на конференција во Ријад.
Бренде рече дека глобалниот јавен долг се приближува до границата од 100% од БДП, а напредните економии се соочуваат со закана од стагфлација, односно раст на цените со истовремен пад на производството.
Неговото предупредување се совпаѓа со неодамнешниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во кој се вели дека глобалниот јавен долг достигнал 93% од БДП минатата година, 9% повисок од нивото пред пандемијата.
ММФ предвиде дека глобалниот јавен долг би можел да биде близу 100% од БДП до крајот на деценијата.
Бренде истакна дека владите треба да размислат како да го намалат долгот и да ги преземат вистинските фискални мерки без да предизвикаат рецесија во исто време.
Претседателот на Светскиот економски форум предупреди и на последиците од забавувањето на светскиот економски раст кој, според прогнозата, во 2024 година ќе изнесува 3,2%.
– Светот ќе се соочи со една деценија слаб економски раст доколку не се спроведат вистинските мерки – заклучи Бренде.