Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски соопшти дека излезноста до 13 часот изнесува 26,35% од избирачите, со 49,03% обработеност на податоците во првиот круг од претседателските избори. Податоците како што рече, се од пристигнати 1720 избирачки места, а гласале 229 803 гласачи.
– Вкупен број на запишани избирачи во избирачките места од кои пристигнале податоци е 872 090, вкупен број на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 229 803. Процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 26,35% – соопшти Даштевски на прес-конференцијата.
Според обработените податоци на ДИК, најголема излезеност до 13 часот има во општина Новаци – 42,87% , а најмала излезеност е забележана во Врапчиште – 10,11%. Гласањето, како што кажа Даштевски се одвива мирно на сите гласачки места.
Според податоците од ДИК, излезеноста на претседателските избори 2024 е поголема споредбено со првиот круг на претседателски избори во 2019 година.
-Излезноста споредена со 2019, е точно за 6% поголема сега од 2019 година – изјави Даштевски.
До ДИК се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право. Од нив усвоени се 16 приговори и на избирачите име е овозможено да оставарат право на глас, 8 се отфрлени како неуредни, а 9 се одбиени. Останатите приговори се во обработка, посочи претседателот на ДИК.