Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров вечерва во Тема на денот на Сител истакна дека е невообичаено тоа што еврокомесарот Вархеји не дал изјава за јавноста и медиумите.
– Важно е официјалните лица што доаѓаат од ЕУ да имаат контакти со јавноста, не само со политичарите. Еврокомесарот по дефиниција ни е најдобар пријател и било каков исчекор треба да е заеднички, но со него немав баш такво искуство, затоа што солираше и поставуваше свои предлози наклонети кон бугарската страна. Реагирав на таквиот однос во повеќе наврати како поединец. Важно е јавноста да знае дека немавме голема помош од неговите напори. Некои дипломати од западните земји-членки на ЕУ мислат дека ќе го решевме ова да не беа паралелните предлози на Вархеји – вели Димитров.
Според Димитров, сме немале сојузник во овој еврокомесар, ги поздравува неговите изјави дека е разочаран, но дел од неговите активности се причина зошто немаме успех.
– После изјавата на Радев кој што кажа брутално дрско и безобразно дека македонскиот идентитет се темели на фалсификат или е вештачки и после изјавата на Петков дека решението мора да оди во Парламент и мора да има политички консензус во бугарското општество за решението мислам дека е крајно време ние да видиме каде одиме и како таму да стигнеме. Ние имаме еден екстрем по секоја цена во ЕУ, или другиот екстрем е да ги баталиме ЕУ и да си бараме други партнери, изјави вечерва во Тема на денот поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров во однос на тоа дали треба да ја менуваме стратегијата во разговорите со Бугарија.
– Мора да се бориме за вистинска европска игра. Не може некој нас да ни го дообјаснува македонскиот јазик. Не може во преговарачката рамка историјата да биде поважна од борбата против корупцијата. Мораме да направиме политика која што ќе покаже дека ветото е штетно и за Бугарија, оти вака ветото им работи. Ние сме тие што ни се брза, ние сакаме да правиме чекори, а сигналот е ќе дојдат на нашето. Затоа мораме да почнеме да употребуваме зборови кои што ја отсликуваат реалноста. Во моментов политиката на Бугарија кон нас не е пријателска, оти со вакви пријатели не ни требаат непријатели. Кога ќе кажат македонскиот идентитет е фалсификат мора да викнеме ова безобразно, ова е дрско, засрамете се! – рече Димитров.
Димитров потенцираше и дека мора за оваа приказна да се информираат партнерите на Македонија во ЕУ во регионот, Американците и сите други кои што се заинтересирани ова да успее.