Најмалку 18 лица загинаа во троен руски напад врз градот Чернигов, на северот на Украина.
Според украинските власти, во нападите во средата биле оштетени образовна институција, болница и дваесетина станбени згради. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја нема доволно системи за противвоздушна одбрана за да спречи напад.
„Ова немаше да се случи доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако светот имаше доволно решеност да се спротивстави на рускиот терор“, напиша украинскиот претседател на Телеграм.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес соопшти дека в сабота ќе гласа за пакетот помош за Украина во износ од 61 милијарда долари.