Руското Министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост поради ноќешниот напад на Иран врз Израел и повика на воздржаност на Блискиот Исток.
„Ноќта на 14 април врз Израел беа лансирани голем број ракети и беспилотни летала. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека овој напад е извршен во рамките на правото на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН во одговор на нападите врз ирански цели во регионот, вклучувајќи го и нападот врз зградата на конзуларното одделение на иранската Амбасада во Дамаск на 1 април, што Русија остро го осуди, но, за жал, поради односот на западните членки, Советот за безбедност на ОН не можеше адекватно да одговори на нападот врз иранското конзуларно претставништво“, се наведува во соопштението на руското МНР.
Оттаму потсетуваат дека Русија постојано предупредуваше дека нерешавањето на бројните кризни ситуации на Блискиот исток, пред сѐ палестинско-израелскиот конфликт, ќе доведе до зголемување на тензиите.
„Ги повикуваме сите инволвирани страни на воздржаност. Се надеваме дека регионалните држави ќе ги решат актуелните проблеми преку политички и дипломатски средства. Сметаме дека е важно конструктивните меѓународни играчи да придонесат за ова“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Министерството ги советува своите граѓани кои се наоѓаат во Израел и во соседните земји, пред сѐ Јордан, Либан и Сирија, да бидат внимателни и да се придржуваат до нивните пораки и практични препораки.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди иранскиот воздушен напад врз Израел, Јапонија се приклучи во осудата на нападот, а Кина изрази длабока загриженост, повикувајќи ги земјите да се смират, пренесоа светските агенции.
– Германскиот канцелар Олаф Шолц најостро ги осудува иранските воздушни напади врз Израел и Иран ризикува регионален пожар со тој неодговорен и неоправдан напади. Во овие тешки моменти, Германија цврсто стои зад Израел. Сега тесно ќе разговараме за натамошните одговори со нашите партнери и сојузници од Г7 – изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрејт по пристигнувањето на Шолц во кинеската економска метропола Чонгкинг.
Јапонија остро го осуди одмаздничкиот напад на Иран врз Израел, нарекувајќи го ескалација на настаните. Токио порача дека е длабоко загрижен за ситуацијата, во изјавата објавена од министерот за надворешни работи.
„Овој напад е еден од оние кои дополнително ја влошуваат моменталната ситуација на Блискиот Исток. Ние сме длабоко загрижени и силно го осудуваме овој вид ескалација. Мирот и стабилноста се особено важни за Јапонија, а Владата ќе продолжи да ги презема неопходните дипломатски чекори за да спречи влошување на ситуацијата“, се наведува во соопштението.
Кина е „длабоко загрижена“ за ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток откако Иран лансираше беспилотни летала и проектили во одмазднички напад врз Израел, изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи.
„Кина ги повикува релевантните страни да останат смирени и да покажат воздржаност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите. Кина ја повикува меѓународната заедница, особено влијателните земји, да одиграат конструктивна улога во одржувањето на регионалниот мир и стабилност“, се наведува во соопштението на портпаролот.