Претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека со анкетите сериозно се манипулира на нашиот простор, „затоа што истите служат за креирање на јавното мнение, а не за анализирање и сондажа на јавното мнение“.
„Вистинската анкета ќе ја видиме на 24 април по гласањето. Ние пулсот на граѓаните го чувствуваме секојдневно. Јас уште на самиот почеток реков дека во оваа кампања влегов не да учествувам, туку да победам и да бидам претседател на Македонија. Како тоа ќе се случи. Исто како што се случи во Куманово. СДСМ изгуби, бидејќи е катастрофално лош, предводен од ова раководство. ВМРО не победи. Тоа реално може да се случи и во Макаедонија“, изјави Димитриевски во емисијата Аргумент плус на 24 вести.
Запрашан како ќе го оствари ветувањето за 13-та пензија, Димитриевски објасни дека зборува за 13-та пензија во форма на субвенција.
– Секоја година во буџетот остануваат вишок нереализирани финансиски средства коишто потоа со ребалансот на буџетот се прекројуваат и се даваат на одредени мнистерства коишто пак преку непродуктивни трошоци ги реализираат за набавка на разноразни непотребни работи. Едно ќе ви кажам: градинките во Македонија пред извесен период набавија филтри за воздух коишто чинат во јавната набавка четири пати поскапо отколку да погледнете на интернет се истите модели. Имаме филтри за воздух, а ни течат покривите. Тоа е тоа, перењето на пари. Тие пари, наместо да се непродуктивно да се трошат, може да се пресметаат на крајот на годината во делот на капиталните расходи од буџетот колку и да се пренесат како субвенција во форма на 13-та пензија за сите пензионери. Тоа би значело на годишно ниво дополнително покачување, индиректно, на пензијата помеѓу 7 и 8 проценти, а да се следи и трендот на усогласување – објасни Димитриевски.