Истражниот комитет на Русија соопшти дека открил поврзаност меѓу напаѓачите на концертната сала „Крокус Сити Хол“ во Москва и украинските специјални служби, пренесе руската агенција ТАСС.
„Истрагата веќе доби значајни информации за околностите на подготовката на терористите за злосторството, што може да укажува на нивната поврзаност со украинските специјални служби“ – се вели во соопштението на Комитетот.
Се додава дека досега во кривичната постапка се идентификувани 11 лица кои учествувале во извршување на терористичкиот напад во Москва во кој на 22 март загинаа 144 лица и дека на сите им е поднесена кривична пријава и е одредена мерка притвор.
„Се спроведуваат истражни дејствија и оперативни претреси за откривање и приведување на други учесници во кривичното дело, сторители, соучесници и организатори“ – соопштија руските надлежни служби.
Рускиот Истражен комитет пред три дена објави дека проверува евентуална „украинска трага“ во нападот врз посетителите на концертната сала во близина на Москва, за кој одговорноста ја презеде Исламската држава.
„Истражителите успеаја да ги вратат податоците од мобилните телефони на обвинетите за нападот врз концертната сала во Крокус“ – се вели во соопштението на Истражниот комитет, одговорен за главните истраги во земјата.
Според податоците од мобилните телефони, еден од обвинетите на втората годишнина од рускиот напад на Украина, пребарувал на Интернет и пронашол фотографии од влезот во концертната сала и му ги испратил на претпоставениот.