Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, за време на донаторска вечер викендов во Палм бич, Флорида, им кажал на поддржувачите и на финансиерите на неговата кампања дека тој очекува САД да примаат мигранти „од фини земји“, а не од „неверојатни места и земји“, јавува Њујорк тајмс.
Според учесник на средбата, на половина пат од својот говор, Трамп повторил една од неговите познати тиради против имигрантите кои влегуваат во САД во време кога администрацијата на претседателот Џо Бајден се бори со разгорената криза со нелегална имиграција на јужната граница.
– Овие луѓе доаѓаат од затвори и од притвори. Тие доаѓаат од неверојатни места и земји, катастрофални земји – изјавил Трамп пред своите гости.
Потоа укажал дека сака имигранти од „фини“ земји.
– A зошто да не дозволиме кај нас да доаѓаат луѓе од фините земји, јас се обидувам да бидам фин. Фините земји, знаете, како Данска, Швајцарија? Дали има луѓе кои доаѓаат од Данска? Или од Швајцарија, можеби од Норвешка – рекол Трамп при што присутните се насмеале.
Тој потоа се запрашал зошто да доаѓаат луѓе од Јемен „каде што се разнесуваат еден со друг насекаде“.
За тоа што го кажал рекол дека ќе биде критикуван.
Кога беше претседател, Трамп стана познат по коментар даден во неговиот кабинет во Белата куќа. На средба со законодавци околу темата за имиграција, земјите како Хаити и некои нации во Африка ги опиша со уличарски сленг како „земји нужници“ (shithole countries).
Многу африкански земји жестоко го критикуваа за тоа, некои испратија и протестна нота до САД, а низа организации за заштита на човековите права рекоа дека изјавата била расистичка.