Премиерот на Романија, Марсел Чолаку, зборуваше за потенцијалната унија на Романија со Молдавија и истакна дека ја поддржува таквата идеја.
Чолаку во разговор за медиумите рече дека се дефинира како застапник на таквата идеја.
– Ја поддржувам унијата на Молдавија со Романија. Верувам во унијата меѓу земјите. Тоа ќе се направи во рамките на Европската унија и ќе најдеме решение за тоа – рече романскиот премиер.
Тој исто така рече дека Романија и помага на Молдавија на многу начини.
– Република Молдавија постигна одржливост со помош на Романија. Тоа е факт. Историјата беше неправедна. Не можам да го сменам минатото, а сегашноста е последица на минатото. Единствено што можеме да направиме е да ја градиме иднината – рече Чолаку.
Чолаку не е единствениот политичар во Романија кој размислува за обединување на земјата со Молдавија. Оваа идеја сè почесто е тема на разговор и меѓу романските националисти.
Политичката реторика е често придружена со натписи „Бесарабија е Романија“ кои се истакнуваат на бројни спортски и други настани, а кои укажуваат на аспирациите на националистите во оваа земја кон територијата лоцирана во Молдавија, како и на делови од Украина.