Тешко дека ќе ја најдат Данка, ѝ рекол еден од убијците на двегодишната Данка Илиќ од Србија на сосетка во населбата Бањско во средата. Сосетката и С.Ј.(50) зборувале за тоа до каде е истрагата за девојчето.
– Тој праша што се случува со малата, дали ја нашле, бидејќи тоа е главна тема во селото со денови. Му реков дека не ја нашле, а тој ми искоментира дека тешко ќе ја најдат – рекла жената за српските медиуми.
Колегите од јавното претпријатие „Водовод“ каде осомничените работеле и за двајцата мажи рекле дека се однесувале ладнокрвно при потрагата по девојчето и дека биле во шок што соработувале со убијците.
– Беа ладни како шприц. Кога Данка беше пријавена за исчезната, директорот на „Водовод“ ги прашал вработените кој може да се вклучи во потрагата по исчезнатото девојче, а потоа меѓу првите се пријавил и Дејан Драгијевиќ. Всушност, тој ја барал девојката која ја убил! Сите во текот на денот добивале работни задачи и работеле нормално на работа – вели за српските медиуми еден колега.
По телото на Данка уште се трага. Српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ вчера изјави дека теренот досега бил петпати пребаруван. Данка исчезна на 26 март. Вчера двајцата мажи го признаа делото. Се испостави дека тие ја удриле Данка со „фиат панда“ на патот само минути откако таа се оддалечила од мајка си.
Исто така, според пишувањата на некои српски медиуми, едниот од убијците ја давел повредената Данка, а потоа ја ставил во багажникот. Истиот ден убијците биле пресретнати на патот од таткото на Данка, но му рекле дека не виделе никакво девојче.