Високиот функционер на Кремљ Николај Патрушев денеска изјави дека Украина може да биде поделена на неколку делови.
Патрушев, секретар на Советот за национална безбедност на Русија, изјави дека „политиките на Западот и режимот во Киев, кој е под контрола на Западот“, ќе доведат „само до распаѓање на Украина на неколку држави“.
Русија неодамна објави дека се фокусира на проширување на контролата над Донбас, индустриски центар во источна Украина. Проруските сепаратисти поддржани од Москва се борат со украинските сили во Донбас од 2014 година, кога започна конфликтот по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.
Неколку дена пред да ја нападне Украина на 24 февруари, Москва ја призна независноста на регионите Доњецк и Луганск, кои се дел од Донбас.
Висок руски воен функционер минатата недела изјави дека Москва, покрај преземањето контрола врз Донбас, сака и да ја окупира јужна Украина за да отвори копнен коридор меѓу Русија и молдавскиот проруски регион Придњестровје, чија самопрогласена независност другите држави ја немаат признатo.