Нема шанси малата Данка Илиќ сама да излегла од дворот и да исчезнала, истакнуваат експертите за безбедност, пренесува Пинк.рс
Како што наведуваат, има нелогично и во однесувањето на Ивана Илиќ, мајката на исчезнатото девојче, со која Данка била во моментот на нејзиното исчезнување.
– Факт е дека дете помало од две години, во физичка смисла, не може да се движи далеку во рок од неколку минути. Друга нелогичност е што мајката го однела детето на место каде што одамна не била – изјави Радиша Рокшиќ, пензиониран шеф на БИА.
И директорот на српскиот Центар за форензички истражувања, Ненад Шипка тврди дека Данка не можела сама да го напушти дворот.
– Од форензичка гледна точка, прво од што треба да се тргне е изјавата на мајката и конфигурацијата на теренот. Овде не може да стане збор дека детето само го напуштило тој двор. Сигурен сум дека полицијата работи во повеќе насоки и тоа е единствениот правилен метод. И сега останувам на ставот дека е невозможно 2-годишно дете да исчезне од пред очите на мајката додека таа оди до автомобилот да земе вода за другото дете – посочи Шипка.
Малата Данка исчезна во вторникот на 26 март околу 13 часот и 45 минути. Паралелно со потрагата, во Србија за прв пат беше активиран и системот „Пронајди ме“, српската верзија на Amber Alert.
Потрагата по девојчето влезе во седмиот ден, полицијата ги ангажираше сите расположливи капацитети и нема да запре со истрагата додека не се открие целосната вистина за овој случај.
Србин од Виена во меѓувреме испратил до полицијата и до редакцијата на Информер видео кое е снимено во центарот на Виена, а на кое може да се види девојче која неодоливо потсетува на мала Данка, во придружба на две Романки.