Денеска потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија”. Коалицијата е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Тргнувајќи од целта за сеопшт политички и државен развој и напредок на нашата татковина Република Македонија. Констатирајќи го девастирачкиот карактер врз македонската економија, политика и национални интереси на актуелната владејачка клика. Свесни за сериозноста на предизвиците пред кои е исправена Република Македонија во битката за сеопшт политички, економски, социјален и културен развој. Коалицијата „Твоја Македонија” се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата „Твоја Македонија” – изјави Мицкоски.
Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата, додаде тој, се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината.
– Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија” се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт. Основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста. Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти. Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани. Воедно апелираме да има масовна излезеност на овие избори бидејќи неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт. Затоа излезноста е клучот. Промените се во ваши раце – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека и во СДСМ знаат дека ќе претрпат огромен пораз.
Според неговите информации, во штабот на Бихаќка се лицитира и со бројки за тоа колку пратеници ќе изгубат.
– Нормално е дека Ковачевски ќе се обиде да го мобилизира своето членство, коалицијата која застана зад Ковачевски и СДСМ. Не очекувам да вее бело знаме и да каже завршена е работата, се предаваме. Тие лицитираат со бројки во партијата, за тоа колкав ќе биде поразот, дали со 30 пратеници разлика или друго – рече Мицкоски.