Холивудската актерка Ен Хатавеј откри дека имала спонтан абортус во 2015 година. Оскаровката го откри ова откако беше прашана за нејзината објава на Инстаграм од 2019 година, кога првпат спомна дека поминува низ „неплодност и пекол за зачнување“.
Ен Хатавеј откри дека имала спонтан абортус во 2015 година во период кога глумела трудница во една претстава.
Во интервју за „Венити фер“, Ен Хатавеј (41) изјави дека нејзината прва бременост „не поминала добро“. Во претставата актерката глумела жена која е бремена, додека во исто време во реалноста доживеала спонтан абортус.
– Работев на претстава во која требаше да се породувам на сцена секоја вечер – рекла актерката.
Хатавеј, која оттогаш роди два сина во бракот со Адам Шулман, вели дека во текот на претставата „се преправала дека сè е во ред“, но на пријателите им ја рекла вистината кога ја посетиле зад сцената, пренесува Би-би-си.
Ѕвездата од филмот „Ѓаволот носи Прада“ го доби својот прв син Џонатан со сопругот Адам Шулман во март 2016 година. Во објава на Инстаграм во јули 2019 година, Хатавеј објави дека е повторно бремена.
Откако доживеала спонтан абортус, Хатавеј рекла дека била шокирана кога дознала колку се чести спонтаните абортуси. Дознала и дека многу нејзини пријателки имале слични искуства.
– Помислив, каде се тие информации? Зошто се чувствуваме толку непотребно изолирани? Тоа е вистински срам. Затоа, одлучив да зборувам за тоа – истакнала Хатавеј.