Доколку се укине надоместокот за пристап до дистрибутивната мрежа во износ од 200 денари, тогаш евтината тарифа на струјата ќе се зголеми за речиси 15 отсто, а ќе поскапат и блок тарифите, најмногу оние од првиот и од вториот блок, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека по изборите владата на ВМРО-ДПМНЕ планира да го укине овој надоместок.
Бислимоски, се повика и на надлежостите на РКЕ и нагласи дека ваквите надоместоци се во исклучива надлежност на Регулаторната комисија за енергетика, а не на политичките партии.
-Ниту некоја партија претходно ја вовела евтината тарифа, ниту пак некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа. Тоа исклучително може да го направи РКЕ и тоа го правиме врз основа на факти, врз основа на бројки кои што секогаш треба да ги штитат интересите на најголемиот дел од домаќинствата – рече Бислимоски.
Тој појасни дека овој надоместок не обезбедува никакви екстра профити за учесниците на пазарот на електрична енергија, но влијае на цената на струјата.
-Доколку ставиме нула денари кај надоместокот за пристап до мрежа, нема да има никаква промена во регулираниот максимален приход на компанијата ‘Електродистрибуција’. Значи, дали ќе има 200 денари или ќе нема 200 денари, приходот е ист. Но, кога ќе ги видиме цените, еве го делот за мрежарина без надоместок, тој ќе се зголеми за 25,59%, врз основа на што цената на електричната енергија во првиот блок (вкупно и енергија и мрежарина) би се зголемила за 9,03%, цената на вториот блок би се зголемила за 7,78%, на третиот за 6,4%, а на четвртиот блок за 3% – рече Бислимоски.
Најнегативно, според оваа математика, би се одразило на евтината тарифа на струјата, која би се зголемила за 14,53%.
Тој исто така нагласи дека одлуки за цени за пренос на електрична енергија, за дистрибуција на електрична енергија, за тарифни системи за пренос, за тарифни системи за дистрибуција, за тарифен систем за универзалниот снабдувач, согласно Законот за енергетика носи само Регулаторната комисија за енергетика, а не политичките партии.