Политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија денеска ги објави носителите на листите во сите шест изборни единици за претстојните Парламентарни избори.
Како што рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов, за носители се кандидирани луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои што работат, чесни, луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство, со чист образ.
Носител на листата во Изборна единица (ИЕ) 6 е Небојша Захариевски, претседател на ОО Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Тетово. Тој е магистер на правни науки.
Носител во Петтата изборна единица е Весна Бендевска, дипломиран психолог, поранешна пратеничка во Собранието и потпретседателка на ЗНАМ.
Носител во четворката е Миле Цеков. Тој е дипломиран економист на Меѓународна трговија, претседател на Стопанската комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на Движењето ЗНАМ За наша Македонија-Струмица.
Носител на листата во ИЕ 3 е Павле Арсоски, генерал-мајор во пензија и потпретседател на Движење ЗНАМ-За наша Македонија. Тој е доктор на историски науки.
Носител во двојката е Даниел Стојчевски, директор на ЈП Чистота и зеленило Куманово и претседател за ОО на Движењето ЗНАМ За наша Македонија-Куманово. Тој е магистер по кривично процесно право.
Носител во ИЕ 1 е доц. д-р Бобан Карапејовски, професор на катедрата за македонски јазик при Филолошки факултет Блаже Конески во Скопје и член на ИО на Движење ЗНАМ-За наша Македонија.
В недела, на 24 март 2024 година, во 13 часот, во спортско-рекреативниот центар Кале во Скопје, Движењето ЗНАМ За наша Македонија ќе одржи Конвенција, на која ќе ги претстави носителите на листите.
На Конвенцијта ќе се обрати и кандидатот за претседател на Македонија, Максим Димитиревски.
– Генералниот секретар и шеф на Централниот изборен штаб на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Горан Минчев беше предложен за носител на листата на Изборната единица 2. На негово барање тој ќе биде на листата за пратеници во таа изборна единица, но на последното 20 место. Преку личен пример генералниот секретар Горан Минчев упатува порака дека ние од Движењето ЗНАМ се разликуваме од другите и дека личните интереси и борбата за јавни функции не се става на прво место. Нашите мотиви за општествениот ангажман се од идеолошка природа, а не од лична – рече портпаролот Никола Мемов одговарајќи на новинарско прашање.