Соединетите Држави ја повикаа Украина да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура и предупредија дека нападите со беспилотни летала може да предизвикаат одмазда од Русија и да ги зголемат глобалните цени на нафтата, објави денеска „Фајненшл тајмс“, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.
Нападите помогнаа да се зголемат цените на нафтата, кои се зголемија за речиси 4 отсто од 12 март, кога Украина првпат почна да ја таргетира руската енергетска инфраструктура.
Понатамошниот пораст на цените на бензинот во Соединетите Држави ќе го ослабне рејтингот на претседателот Џо Бајден и ќе ги поткопа неговите изгледи за реизбор, се вели во статијата.
Истовремено, масовните руски напади врз Харков, Киев, Запорожје и други поголеми градови во Украина оставија цели региони во земјата без струја во четвртокот и во петокот.
Во последните месеци Русија и Украина ги засилија нападите со дронови од двете страни на границата.
Додека САД ја предупредија Украина во врска со нападите, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека во Украина веќе не се води „специјална воена операција“ туку вистинска војна. Песков изјави дека војната почнала откако Западот се замешал во настаните во Украина.
– Ние сме во војна – им рече Песков на новинарите во телефонски разговор додавајќи дека во правните документи сепак Русија ќе продолжи да го користи терминот „специјална воена операција“.
Руското Министерство за одбрана неодамна објави дека од почетокот на воената операција во Украина во февруари 2022 година, над 13.000 странски државјани учествувале во борбите на страната на силите на Киев.