Лекарите од американската Општа болница во Масачусетс, САД, првпат успешно му пресадиле свински бубрег на жив човек.
Според соопштението, генетски преуредениот орган од свиња бил трансплантиран на 62-годишен маж од САД кој живеел со бубрежна болест во краен стадиум. Во случајов станува збор за ксенотрансплантација – пресадување органи или ткива од еден вид на друг. Според науката, тоа е можно решение во случај на недостиг на органи.
Хирурзи од Центарот за општа трансплантација ја спровеле операцијата во саботата на 16 март, а таа траела 4 часа. Извршната директорка на установата Ен Клибански изјави дека истражувачите и лекарите со ова ги поместуваат границите на медицината и на науката.
– Минаа речиси 70 години по првата успешна трансплантација на бубрег, а нашите лекари уште еднаш покажаа посветеност во обезбедувањето иновативни третмани и помош во олеснувањето на товарот на болеста за нашите и за другите пациенти во светот – нагласи Клибански.
Свинскиот бубрег инаку бил генетски преуреден за да се отстранат штетните свински гени и да се додадат човечки гени за да се подобри неговата компатибилност со човекот. Пациентот добро закрепнува и се очекува наскоро да биде пуштен дома, соопштија од болницата.