More

    130 проценти од децата немаат примено ни прва доза од вакцината МРП

    spot_img

    Покрај епидемијата на голема кашлица Македонија е во опасност за појава од уште една, а тоа е епидемија од морбили или мали сипаници.

    Загриженоста кај епидемиолозите и кај педијатрите е поради тоа што во регионот, но и во Европа веќе циркулира оваа болест, а во Македонија нивото на вакцинирани деца со МРП не е на посакуваниот процент.

    Епидемиолог од Институтот за јавно здравје, д-р Кристина Ставридис за Плусинфо вели дека во 2024 година не е регистриран потврден случај на морбили во Македонија. Но поразителен е фактот што опфатот на вакцинација не е доволен за да се спречи епидемија од морбили.

    – Имаме една ефикасна и безбедна вакцина, којашто има ефикасност над 99% којашто може да се користи како една од најефективните мерки во превенцијата на ова вакцинално превентабилно заболување. Вакцината нема контраиндикација, освен алергија на состојки на вакцината, значи секое здраво дете па дури и тие деца со лесна настинка и дијареја може да се вакцинираат и вакцината не треба да се одложува – вели д-р Ставридис.

    Според податоците кои д-р Ставрдис ги сподели со Плусинфо, на територијата на Скопје опфатот со МРП вакцина за 2022 година со прва доза е 70,4%, со втора доза е 92,1%, додека на територијата на Македонија опфатот со МРП вакцина со прва доза е 70,7%, а со втора доза 89,2%.

    Моменталната епидемиолошка состојба со морбили во земјава е стабилна и не се регистрирани потврдени случаи, велат од Министерството за здравство за Плусинфо.

    – Ставот и препораките на Министерството за здравство е придржување на редовниот календар за имунизација кај децата, ова е најдобриот начин за спремно дочекување на нови случаи со морбили и евентуална епидемија. Вакцинацијата претставува најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита – велат од Здравство.

    Минатата недела сериозна загриженост за појавата на морбили имаше и во Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека веќе се прогласени епидемии во неколку земји во регионот, па поради тоа очекуваат дека овој бран би можел да се пресели и кај нас. Исто така се очекува мигрантски трансфер на морбилите, особено што наскоро католиците ќе го празнуваат Велигден, па поради тоа се очекува голем број Македонци од европските земји слободните денови да ги поминат во земјава и при тоа да го донесат вирусот.

    – Ќе апелираме до градинките проверката на картоните да оди поинтензивно, поригорозно и во проверката да биде вклучена и вакцинацијата против морбили. Имаме шанса да го изгаснеме овој пожар пред да почне. Тука сме, на прагот на почнување нов пожар – рече претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

    Претседателка на Комитетот за имунизација на истата прес-конференција, Александра Грозданова, предупреди дека ризикот од две епидемии кај нас е многу голем. Сипаниците ни се доближуваат на ист начин како што ни се доближи големата кашлица и прерасна во епидемија во Скопје.

    – Исто онака како што посочивме во октомври дека бранот на движење на пертусис во регионот, движејќи се од Хрватска и од Србија, доаѓа накај нас, а сега го потврдивме, сериозно апелираме и во однос на морбилите. Секаде во регионот веќе има епидемии. Мора да се подигне свеста кај родителите, кај граѓаните, дека мора да го запазиме делот на превентивата со цел да имаме здрави поколенија, здрави деца. Вакви состојби на здравствена криза воопшто не ни се потребни, особено ако две епидемии ни се случат истовремено – рече Грозданова.

    Таа беше јасна дека вакцината против морбили може да се прими во ист ден со вакцината Ди-Те-Пер.

    Уште во јануари Комитетот за имунизација до вакциналните тимови препорача на секое дете што доаѓа да ја прими ревакцината против пертусис на 18 месеци, бидејќи МРП се прима најрано на 13 месеци, да му се даде и МРП.

    Според предлогот за имунизација во Македонија, имунизацијата против мали сипаници, заушки и црвенка – рубеола се врши со давање на една доза вакцина комбинирана жива вакцина против мали сипаници, заушки и црвенка – рубеола (МРП вакцина), како и една доза МРП вакцина со цел ревакцинација.

    Вакцинација се врши:

    – На сите деца со навршени 12 месеци од животот, најдоцна до навршени 15 месеци.

    – На сите деца после навршување на 15 месеци до 14-годишна возраст, кои претходно не биле вакцинирани со МРП вакцина.

    Ревакцинација се врши:

    – На сите деца на 6-годишна возраст, односно во I (прво) одделение од основното образование, на почетокот на учебната година, а најдоцна до крајот на месец октомври со МРП вакцина.

    – На сите деца после шестата година од животот до навршување на 14-годишна возраст, ако дотогаш не биле ревакцинирани со МРП вакцина.

    Децата кои од кои било причини не биле вакцинирани согласно Календарот, ќе примаат две дози МРП вакцина на растојание од најмалку 30 дена, најдоцна до 14-годишна возраст.

    Историјат на вакцинацијата против морбили во Македонија

    За да има колективен имунитет, односно за вирусот да не се шири, опфатот со вакцинација треба да биде 95 отсто. Вакцината против морбили, според податоците на Институтот за јавно здравје, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

    Заклучно со 2022 година во Македонија имало само 70,7% вакцинирани деца од морбили. Последен пат во земјата епидемија на морбили беше прогласена во декември 2018 година. Тогаш имало 74,8% вакцинирани. Во Македонија за 50 години, од 1973 година до денес регистрирани се 25 смртни случаи со морбили.

    Вирусот лебди во воздухот два часа

    Морбилите се меѓу најзаразните инфекциски заболувања воопшто. Од едно лице можат да се заразат девет до десет други, доколку не се вакцинирани. Вирусите се распространуваат преку воздух – најчесто при кивање или кашлање.

    – Вирусот на мали сипаници останува во воздухот еден или два часа. Тоа значи дека може да се разболи човек кој поминал ист пат по болен, доколку не е вакциниран. Значи ако болен се појави во популација, односно во колектив каде што има луѓе без имунитет, може да зарази дури 18 луѓе. Значи, зборуваме за најзаразниот вирус и затоа е многу важно децата кои добиваат температура и не се вакцинирани да не одат во градинка, бидејќи тоа може да биде сипаница – велат епидемиолозите.

    Најважна превентивна мерка е вакцинацијата и останувањето дома, односно изолација во домашни услови додека не се постави правилната дијагноза, и додека симптомите не се смират. И покрај тоа што има мало подобрување на состојбата со епидемијата, сепак вакцинацијата е од големо значење, како и проветрувањето на просториите и престојот дома, што важи и за децата и за возрасните.

    СЗО предупредува на голем пораст на морбили во Европа

    Светската здравствена организација (СЗО) објави дека минатата година дошло до „вознемирувачки“ пораст на случаите на морбили во Европа, каде што се забележани триесет пати повеќе случаи од претходната година, јавува Би-би-си.

    Здравствените власти предупредуваат дека случаите се во пораст и дека се потребни „итни мерки“ за да се спречи ширењето.

    Повеќе од 30.000 луѓе биле заразени во 2023 година, во споредба со 941 во цела 2022 година. СЗО верува дека причината е што помалку деца биле вакцинирани против болеста за време на пандемијата на ковид-19.

    Малите сипаници се вирусно заболување кое се карактеризира со исип, кашлица, течење на носот, иритација на очите и висока телесна температура.

    Околу 17% од пациентите имаат една или повеќе компликации на болеста, како што се инфекции на увото, пневмонија, фебрилни конвулзии (конвулзии поради температура), дијареја или воспаление на мозокот (енцефалитис).

    Најчестата компликација, пневмонија, се јавува кај околу 6% од пациентите и е водечка причина за смртност од морбили, која во развиените земји е 1 на 1.000 пациенти, додека во земјите во развој достигнува дури 1%.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img