Министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за екстрадиција на Шеваљ Муареми водачот на криминална група „Дуќанџик“ од Грчец и Мухамед Чајани.
Барањата откако ќе бидат преведени ќе бидат проследени до МНР на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати, велат од министерството во соопштение до јавноста.
Инаку на обвинителството му требаше повеќе од месец дена по акцијата која се спроведе во Грчец да ја комплетира документацијата со која сега веќе се побара екстрадиција на дел од членовите на групата од Грчец.
Шеваљ Муареми, за кого веќе е познато дека последната локација од каде објавуваше фотографии е Дубаи, доби меѓународна потерница. Муареми е еден од осомничените од групата Грчец/Дуќанџик во кои се товарат 10 лица. Како што објави Телма на 26 јануари годинава, водач на групата е Шеваљ Муареми, 46-годишен жител на Грчец кој не е достапен на истрагата, а според тогашните потврдени сознанија, подолго време е надвор од Македонија.
Групата на Шеваљ Муареми е осомничен и за убиство на албански државјанин чие тело, изедено од диви животни беше најдено над селото Горно Матка во мај 2020-тата година. Убиениот бил закопан во дупка во овој слабо населен реон, но телото било полуоткопано од диви животни. Убиениот беше препознат по специфичната тетоважа.
МВР тогаш соопшти дека групата стои и зад обидот за убиство во Бардовци во 2019-та година, кога цел на неуспешниот напад бил Борис Мутков – Фантом, жител на Бардовци и близок со групата Беланоца на Ајети од Ченто. Мутков бил нападнат додека се движел со автомобилот Мерцедес. Тој инцидент се поврзуваше со нападот кој претходно се случи во хотелот „Александар Палас“ кога мета беа членовите на групата Грчец кои седеле на маса заедно со полицаец.