Одлуката на поранешниот советски лидер Никита Хрушчов во 1954 година за предавање на Крим на Украина е „непростлива и трагична“ грешка, вели директорот на руската Служба за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин на одбележувањето на десетгодишнината од присоединувањето на Крим кон Русија.
Нарушкин, кој е и претседател на Руското историско друштво, истакна дека тоа бил „неуставен и волунтаристички чекор“ на Хрушчов.
– Размислувајќи за историјата на Крим и Севастопол, не можеме а да не почувствуваме длабоко разочарување од непростливата, трагична грешка направена од Никита Сергеевич Хрушчов во едно време. Меѓутоа, тогаш веќе беше јасно дека овој неуставен, волунтаристички чекор директно противречи на аспирациите на жителите на полуостровот – посочи Наришкин.
Статус на полуостровот Крим денес е спорен, бидејќи и Русија и Украина тврдат дека е дел од нивната теритрорија. До 11 март 2014 година Крим беше дел од Украина, кога пратениците во Парламентот на Автономна Република Крим изгласа Декларацијата за независност на Крим од Украина, во што учествуваат и претставниците на Севастопол, додека на референдумот кој е одржан на 16 март 2014 година, жителите на Крим изгласаа присоединување на Крим кон Русија.
Украина не ги признава резултатите од овој референдум. На 17 март Врховниот совет на Крим ја усвоил резолуцијата за независност од Украина и се обратил до Русија за прием на Република Крим во составот на Руската Федерација. На денешен ден пред десет години Република Крим влезе во составот на Руската федерација врз основа на договорот кој го потпишаа рускиот претседател Владимир Путин и лидерите од Крим. Истиот ден и Севастопол стана дел од Руската федерација како град со федерален статус.