Џејмс Крамбли (47), татко на момче кое изврши масовно убиство во училиште во Мичиген, е осуден за убиство од небрежност. Тоа е прва ваква пресуда во САД, а се очекува во следниот месец судот да се произнесе и за мајката. Момчето е осудено на доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Џејмс Крамбли ја игнорирал менталната состојба на својот 15-годишен син кога му го купил полуавтоматското оружје со кое тој подоцна уби четворица ученици во училиште во Мичиген во ноември 2021 година, одлучи судот.
Џенифер Крамбли, мајката на момчето, која исто така е обвинета за убиство од небрежност, се очекува да биде осудена во следниот месец.
Случајот против Крамбли е прв во историјата на САД кога родителите се обвинети за убиство од небрежност за злосторства извршени од нивното дете во масовно пукање.
Синот на Џејмс и Џенифер, Итан, убил четворица средношколци на возраст од 14 до 17 години. Во престрелката се повредени седум лица. Момчето е осудено на доживотен затвор без можност за условно ослободување.
Татко на една од ученичките кои беа убиени во нападот рече дека осудувањето на таткото на убиецот е првиот чекор во борбата против оруженото насилство во САД.
– Нашите деца умираат секој ден во масовни убиства, а ние правиме малку за да го спречиме тоа. Можеме да испраќаме луѓе на Месечината, можеме да изградиме облакодери, огромни споменици како браната Хувер, но не можеме да се погрижиме нашите деца да бидат безбедни во училиштата – рече таткото на 14-годишното девојче Хана кое беше убиено во масакрот.
Обвинителката Карен Мекдоналд на прес-конференцијата истакна дека пресудата нема да ги врати четирите жртви, но ќе ги означи одговорните за масовното убиство.
– Родителите можеле да ја спречат трагедијата доколку направеле и најмал напор – рече обвинителката.
Во своите завршни зборови пред поротниците, таа истакна дека Џејмс Крамбли не презел ни најмала мерка за да се осигура дека неговиот син не претставува опасност за другите откако му дал полуавтоматски пиштол. Таа исто така истакна дека родителите не направиле доволно за да се справат со психичката состојба на нивниот син.
Утрото кога се случило убиството, родителите не се појавиле на училишен состанок, на кој биле поканети поради вознемирувачкиот цртеж. Како што изјавиле, морале да одат на работа и одбиле да го земат момчето од училиште и да го однесат дома. Управата на училиштето го вратила момчето на час, без да провери што има во неговиот ранец.
Кога таткото слушнал дека имало пукање во училиштето, истрчал од работа и се упатил директно дома да го бара пиштолот. Неговиот адвокат рече дека таткото не знаел дека неговиот син има проблеми.
Крамбли не сведочеше на судењето, за разлика од неговата сопруга која се обиде да ја префрли вината на својот сопруг.
Обвинителите изјавија дека родителите не се погрижиле оружјето, кое му го дале на момчето само неколку дена претходно, да биде безбедно.