Приказната за настанувањето на романот „Се гледаме во август“ на Габриел Гарсија Маркес, објавен 10 години по неговата смрт, засега е поинтересна од самиот роман.
Иако конечната пресуда на Габо била „Оваа книга не ја бива. Треба да се уништи“, неговите синови Родриго и Гонзало ја сочувале и ја оставиле на страна. Препрочитувајќи ги страниците од ова последно дело на Маркес по една цела деценија синовите сфатиле дека делото „има многу вредности во кои може да се ужива“ и решиле да го објават. Романот, како што признаваат синовите, е објавен „во чин на предавство“ и со надеж дека задоволството на читателите ќе го оправда тој „кукавички“ чин.
Големата доверба му била доделена на уредникот Кристобал Пера, кој и претходно соработувал со Маркес на неговите мемоари. Клучна улога во сочувувањето на овие текстови кои од Маркес првично биле замислени како раскази чиј заеднички именител е „љубовни стории на постари луѓе“, има личната секретарка на нобеловецот, Моника Алонсо. Овој ракопис доживеал пет верзии. Уредникот Пера работел врз последната петта верзија со цел да дојде до конечната верзија на оваа новела, која е публикувана во 2023 година.
За жал, меморијата на осумдесет и седумгодишниот Маркес попуштала и тој не бил во состојба да ги склопи сите делчиња од приказната. Затоа, вештиот Пера ги утврдил и ги поправил податоците, имињата на музичарите, цитираните автори, како и доследноста во однос на возраста на главниот лик.
Ана Магдалена Бах секоја година на 16 август оди на блискиот остров за да го посети гробот на мајка си. Посетата е претворена во рутина, возење со траект, земање такси, купување букет гладиоли, посета на гробот, преноќување и враќање дома со првиот утрински траект. Но, овој пат, таа додека е на вечера во бар, среќава маж со кого танцува, пие и се опушта дотаму што го кани во својата соба. Со него поминува страстна ноќ, а утрото од него останале само 20 долари во нејзината книга. Таа сфаќа дека не го прашала ни како се вика и дека тој можеби добил погрешен впеачотк за неа.
Ова е нејзин прв излет во бракот во кој влегла како девица. Следната година, таа повторно доаѓа на островот, спремна дека ќе најде некој нов маж со кого ќе ја помине единствената ноќ на островот. И наоѓа. Овие нејзини авантури се повторуваат сѐ додека еден ден таа оди на гробот на мајка си каде наоѓа свеното цвеќе кое не е од неа. Ана Магдалена е збунета – кој е тајниот посетител на гробот на мајка ѝ? Гробарот ѝ открива дека тоа е некој постар господин кој го прекривал гробот со прекрасни и скапи цвеќиња при секоја негова посета и потоа стоел над него замислен.
Ана Магдалена сфаќа дека овој човек бил причината за „деловните“ посети на мајка ѝ на островот и нејзината желба да биде закопана таму. Ќерката наредува ексхумација на коските на мајка ѝ, ги зема во вреќа и со нив се враќа во домот во која ја чека сопругот.
Во тие неколку години кога оди на островот за да го посети гробот на мајка ѝ и кога ги поминува ноќите со непознати мажи, Ана Магдалена ја открива својата слобода, излегува од монотоноста на нејзиниот навидум мирен и совршен живот, посветува внимание на мислите кои ги оттурнувала од себе и дури собира храброст да го праша сопругот за неговите неверства.
Оддалечувањето од рутината на секојдневието ѝ помага на Ана да сфати која е, да се соочи со сопругот и со себе, и да реши во кој правец ќе се движи нејзиниот живот.
Новелата „Се гледаме во август“ на Маркес, освен што е неочекуван подарок за читателите како „одново пронајден роман“, е и показател дека самиот живот ни е најголем подарок и дека треба одново да го пронајдеме во себе и да го живееме слободно и свесно.