На 1 февруари на корисничката сметка на социјалната мрежа Икс, сега покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални објавил порака со инструкции пред претседателското гласање што ќе се одржи овој викенд во Руската Федерација.
„Ми се допаѓа идејата гласачите против Путин да излезат заедно на гласање во 12 часот“, напиша Навални. „Напладне против Путин!“.
Овој план има свои предности. Протест ширум земјата би бил национален, легален и релативно безбеден.
„Па, што можат да направат? Ќе ги затворат избирачките места во 12 часот? Ќе организираат акција за поддршка на Путин во 10 часот? Ќе ги регистрираат сите што дошле напладне и ќе ги стават на листа на недоверливи?“ – додава Навални.
Одамна е јасно дека изборите нема да бидат ниту слободни ниту фер: Путин е единствениот вистински кандидат, а сите негови истакнати критичари се мртви, затворени, во егзил или отстранети од гласачкото ливче. Но, со едноставно појавување во договореното време, Русите може да го изразат своето незадоволство и да го разоткријат гласањето како фарса.
Смртта на Навални нешто повеќе од две недели по овој твит му даде нов поттик на движењето „Напладне против Путин“.
Откако илјадници Руси го издржаа студот и полицискиот кордон за да присуствуваат на неговиот погреб и да положат мал куп цвеќиња на неговиот гроб, мисијата на Навални ја презеде неговата вдовица и политички наследник Јулија Навалнаја.
– Алексеј ги повика луѓето да учествуваат на овој протест и затоа ова е толку важно лично за мене – рече таа неодамна во видеото каде ги повика Русите да се приклучат на настанот „За Навални“: „Сакам да го направам она што тој мислеше дека е правилно.“
Погребан на московските гробишта Борисово, Навални останува најмоќниот противник на Путин. Без оглед на тоа дали толпи Руси ќе излезат напладне во недела за да го изразат своето несогласување, неговата смрт дополнително го нагласи недостатокот на легитимитет на Путин.
– Дури и откако умре, Навални му нанесува најголема штета на Путин – вели Максим Резник, исто така опозициски политичар од кого Навални ја презеде идејата „Напладне против Путин“.
– Тој го даде целиот свој живот за нашата слобода. Последното нешто што го направи беше да нè замоли да му дадеме 30 минути – рече Резник.
Важно е дека планот им овозможува на Русите да го покажат своето неодобрување без да ги прекршуваат законите за протести – дури и ако тоа не е гаранција за безбедност.
– Путин на руските граѓани им ги одзеде речиси сите права што ги имаат, но не и ова засега – вели Иван Жданов, сојузник на Навални, во видео на Јутјуб пред смртта на опозицискиот лидер.
На гласањето овој викенд, кое започнува денеска и завршува во недела, Путин нема вистински противкандидати. Единствените кандидати кои се изјаснија против војната – Екатерина Дунцова и Борис Надеждин, беа дисквалификувани на техничка основа.